„Директни обраќања“, Марина Икономова Шокева

Директните обраќања сфатени како форма се едни од најдревните творечки пројави на човекот, прво кон природата, а потоа и кон другиот околу себе. Со директното обраќање човекот се издвојува од природата и рамноправно се поставува кон неа, исто како што се одвојува од толпата на која ѝ припаѓа, издвојувајќи се од средината и издигнувајќи се постепено на творечките рамништа, прво преку извикот артикулиран од себеси, преку сликата, играта и на врвот на сета уметност  – преку зборот. Поетот ја артикулира природата и ја преточува во кристали за и самиот да се претвори во кристал со способност да ја менува материјата преку сетилноста, да ги пронаоѓа боите во светлината, вкусот во воздухот и играта во цикличните промени во природата. Овие размисли ни се наметнуваат од структурата на книгата насловена ДИРЕКТНИ ОБРАЌАЊА на Марина Икономова Шокева, поетска книга составена од пет целини кои може да се сведат на тријада. Во првиот дел двете клучни координати на замислената патека на митското сонце се искажни преку страните на светот: исток и запад и преточени во 12 песни, 4 во циклусот ИСТОК и двојно повеќе во циклусот ЗАПАД. А првата песна во циклусот ИСТОК носи наслов ВРВ, додека завршната во циклусот ЗАПАД носи наслов СЛАБОСТ. Засега толку за оваа поетска трансверзала во која поетот се поврзува со природата, но и не само со неа туку уште повеќе со културата, што е претстваена преку грска метафори од себепретворањето во кристал до себенавраќањето како фетус. Токму така поетот во првата песна е кристал, а тоа е онаа јатка од која се создава сета природа почнувајќи од каменот па сè до зборот, нешто што е во основата на строгиот формализам, во кој се сместува сè и сè се преточува преку мисла, а основната метафора на мислата е плодовата вода и повторната цикличност на природата и циклусноста на поезијата.

Вториот дел на поетскиот триаголник во ДИРЕКТНИ ОБРАЌАЊА е осмислен на трансверзалата ТИ – ЈАС што не е ништо друго туку обраќање меѓу двата субјекта споени во една целина во која секојдневноста е исполнета со ритуални сентименти и прижелкувана еротика, со митски метафори, референцијални последователности и алегориски панорами на животот во времето и просторот.

Третиот дел  парадигматски ги спојува односите исток-запад и ти-јас во завршниот циклус ДРУГИТЕ во којшто животот е Сизифовска дејност и неуморна потрага по светлината. Не случајно овој циклус е составен од три песни: ПОРАЗ, ПРАШАЊЕ, СВЕТЛОСТ со коишто се заокружува цикличната тријада на збирката и не случајно поетот ги одбрал како наслови ови три збора.

Но да се вратиме на почетокот на збирката во која парадигматски е навестена патеката од врвот на пирамидата до подножјето на природата, а основниот концепт што се следи низ сета стихозбирка е концептот искреност кој е во суштината на директните обраќања, а искреноста е првата компонента на љубовта и во оваа поезија љубовта е движечка сила во која телото игра со природата а природата игра со телото. Тривијалноста во односот ти-јас доаѓа до израз преку лепеза од бихевиористичко-механистички сцени на евтини но есенцијални сентименталности, вмрежени во јазични игри: „тука да постелам кревет/софра да поставам тука“. Овие два стиха можеме да ги сфатиме и во нивната референцијалност и во нивната метафорика и во нивната јазична игра за што местото апострофирано со концептот ТУКА всушност е дел од човековото тело. Имено станува збор за чело, а челото се доживува како испружена отворена дланка во којашто вториот субјект  односот меѓу ти и јас е крепост што проси и дава и цел на творечката комуникација.

Метафориката на Марина Икономова Шокева во контекст на современата македонска поетика упатува на две клучни творечки имиња од првата генерација македонски современи поети, имено на Ацо Шопов и неговиот циклус за телото што особено доаѓа до израз во песната Раѓање на зборот, како и на Славко Јаневски во песната Танчарка на дланка. Но клучната разлика е што оваа поезија е женско писмо и овозможува уште посуптилна трансформација на машката писменост во женското писмо. А под машка писменост подразбираме колку ги разбираат жените мажите, а под женско писмо способноста на поетесите поетски да го оформат машкиот лик меѓу тривијалноста и егзалтацијата, а најдобар пример за тоа е песната РУЧЕК.

Лилјана Пандева

Поврзани книги

Leave A Comment